Посветено работиме на унапредување на правата на сите граѓани, се трудиме да ја искорениме дискриминацијата и негативниот однос кон сите различности во државата. Ги почитуваме сите граѓани и се бориме секој ден со секој чекор како Влада да ги прифатиме сите кои имаат различно размислување, различна сексуална ориентација, различен етникум, затоа што само така можеме да одиме напред како држава, истакна денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во обраќањето на националната конференција за унапредување на правата на ЛГБТИ-заедницата, во организација на Министерството за труд и социјална политика и во соработка со Советот на Европа.
Посочи дека ова е прва конференција во регионот што го застапува ова прашање и е водена од државна институција. Ова Влада, нагласи министерката, е силна, затоа што сите граѓани ги почитува на еднаков начин и дава шанса секој да се развива поеднакво во ова општество и да го даде максимумот во неговиот развој.
– Го донесовме Законот за недискриминација во партнерство со сите граѓански организации и активисти и тој помина во Собранието. Во очекување сме за воспоставување нова професионална комисија која ќе треба да го даде својот максимум и да ги заштити граѓаните од каков и да е тип дискриминација. Дополнително ја ратифкувавме и Истанбулската конвенција која вели дека не смее да има насилство врз никој во државата, и ги вклучува и ЛГБТ луѓето. Првпат државата финансира и Шелтер центар во кој може да се сместат жртви од насилство од ЛГБТ заедница. МВР веќе работи парадата в сабота да се одвива на најмирен можен начин, додаде Царовска.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека со дефинирањето на кривичното дело омраза како кривично правно дејствие насочено меѓудругото и кон припадниците на ЛГБТ заедницата, а во рамки на измените и дополнувањата на Кривичниот законик од крајот на минатата година се овозможилo натамошното продлабочување и прецизирање на постапките и процедурите на полициското работење во таквите случаи. Потенцира дека МВР веќе има најави преку мисијата на ОБСЕ за натамошно партиципирање на полицијата во новиот повеќегодишен акциски план на програмата насочена кон сите облици на криминал од омраза.
– Се фундирани соодветни нормативни рамки кои ни овозможуваат квалитетно јакнење на институционалните капацитети и на неопходната меѓуинституционална соработка во поглед на криминалот од омраза, за еднаков третман кон сите граѓани, вклучително и ЛГБТ заедницата. Очекувам оваа конференција да даде своја квалитетна контрибуција во нашите напори за градење на правично и просперитетно општество за сите, додаде Спасовски.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека од минатата година почнале соработка со граѓанските организации за спроведување на програмата за ХИВ превенцијата, за која голем интерес има и ЛГБТ заедницата. Посочи дека го зголемиле буџетот и поголема сума на средства ќе им припадне на граѓанските организации за реализирање на програмите. Од пред неколку месеци, нагласи, на раполагање за transgeder хирургија на сите наши граѓани, е врвен експерт од Србија кој работи во развиени европски земји и во Америка и за сметка на Фондот за здравствено осигурување тие операции кои досега се плаќаа приватно ќе има можност да се прават на Клиниката за детска хирургија.
– Се основа и ново одделение за андрогена и уролошка реконструктивна хирургија на Одделението за урологија од страна на наш колега кој со години наназад се едуцира во оваа област. Пациентите кои досега бараа помош и третман во странство ќе може да се третираа и кај нас. Услугите во однос на реконструктивната уролошка хирургија кои досега беа достапни само во приватните клиники преку соработка со еден врвен уролог познат во целиот свет станаа бесплатни на нашата Клиника за детска хирургија. Има интерес. Знам дека професорот има воспоставено контакт со еден пациент, додаде Филипче.
Раководителот на SOGI-одделот во Советот на Европа, Елени Цецеку истакна дека има 27 држави-членки кои го препознаваат истополовиот брак.
– Можеме да зборуваме за универзалниот карактер на човековите права за сите, меѓутоа овој напредок е кревок, не треба да сметаме дека сме ја добиле битката, затоа што ќе се јават многу противници. Општата општествената средина е непријателски настроена. Мора да бидете подготвени кога ќе се соочите со говор на омраза од верски лидери кога даваат изјави во медиумите. Слобода на религија не значи дека треба да ги наметнеме нашите верски убедувања на другите луѓе и да провоцираме насилство. Општествени промени ќе има и преку образованието. Не треба да го запоставиме образованието и соработката со родителите. Многу насилство се случува во рамките на самото потесно и пошироко семејство и затоа е важно да се инволвираат и родителите, рече Цецеку.
Копретседавачот на асоцијацијата ЕРА која вклучува ЛГБТ организации од повеќе земји од Западниот Балкан и Турција, Билјана Гинова рече дека некои од земјите во пристапниот процес кон ЕУ, а сите шест од Западниот Балкан се движиме кон ЕУ, се понапредни, а некои малку стагнираат.
– Владите кои се присутни во оваа група се обврзуваат дека во унапредување на правата на ЛГБТ луѓето ќе работат меѓусебно, но и ќе работат со ЛГБТ луѓето и активистите од регионот. Се залагаат за значително учество на ЛГБТ луѓето во сите процеси на политичкиот, општествениот, економскиот и културниот живот, дека ќе се залагаат за унапредување на законските рамки и ќе ги препознаат дискриминацијата и насилството врз нив, за спроведување на тие законски рамки и за менување на мислите, додаде Гинова.
Одговарајќи на новинарско прашање Царовска рече дека на 29 јуни како Влада ќе ги поддржат процесите кои ги водат, а тоа е дека донеле Закон за недискриминација. Токму затоа, појасни таа, тој Закон во пракса значи дека сите институции ќе ги почитуваат граѓаните со различна сексуална ориентација и родов идентитет.
– Токму затоа сметам дека е чесно и посветено ако сме донеле Закон и легално сме го решиле ова прашање и во пракса да покажеме поддршка. Важно е дека сите процеси кои се одвиваат на улица треба да бидат ненасилни. Секој граѓанин има право лично да го изрази своето размислување и мислење и на улица, на масовен или поединечен собир и со тоа да покаже одредено барање кон Владата. Оваа година сите заедно меѓу кои и ЛГБТ активистите, граѓанските организации, Владата, меѓународните организации, сите поголеми амбасади ќе имаат претставници на парадата и со тоа ќе покажеме дека конечно Македонија станува отворено општество еднакво за сите каде човековите права се разгледуваат и се унапредуваат, додаде Царовска.
Таа ги повика сите граѓани и оние кои сметаат дека имаат различни права, убедувања, вредности да ја поддржат парадата, затоа што таа вели „сите што сме различни треба да се обединиме да го развиваме општеството, да дадеме шанса сечие човечково право да биде испочитувано”.