Адеми: Известувањето за сведителствата е согласно уставните одредби

Дилемите во однос на тоа дали на сведителствата на учениците треба да стои Република Северна Македонија се разјаснети со спроведување на уставните одредби што се во сила, одговори министерот за образование и наука Арбер Адеми, на прашањето на пратеничката од ВМРО – ДПМНЕ Благица Ласовска за известувањето испратено до сите училишта во државата за тоа како треба да биде напишано на сведителствата на учениците.

Посочувајќи дека известување до сите основни и средни училишта е направено заради дилемите покренати и поднесени до МОН и во Владата, министерот Адеми појасни дека во известувањето е прецизирано дека во графата треба да стои Република Северна Македонија, а во графата за државјанството да фигурира државјанин на Република Северна Македонија.

– Имајќи предвид и тоа што имаме обврска да имаме позитивна правна уставна почит, имајќи ги предвид дилемите и барањата на сите основни и средни училишта насочени до МОН и до Влададта, ние  гледавме да ги разјасниме овие дилеми со спроведување на уставните одредби што се во сила, одговори министерот за образование и наука на денешната собраниска седница на која се поставуваат пратенички прашања.

Пратеничката Ласовска повтори дека се работи за постапување во графата на роден, а тоа, потенцира, е личен податок, што никој нема право да го корегира врз основа на сопствено толкување.

– Ова не стои во Преспанскиот договор. Не сте вие тој што треба да менува лични податоци на деца родени во Република Македонија. Податокот за местото на раѓање на ученикот се црпи од изводот на родените, што се издава врз основа на податоци од Матична книга на родените, во која промена се вршат само со соодветна со закон предвидена постапка, реплицираше пратеничката Ласовска.

Таа побара од министерот Адеми да ги извести сите училишта да се вратат сите свидетелства во кои пишува Република Северна Македонија и да се корегира овој податок, а по барање на родители кои имаат поднесено претставки за тоа.

Треба да знаете
Последни објави