Претендентот за демократски кандидат за претседател на САД и градоначалник на Њујорк, Бил Де Бласио, се извини за искажаниот цитат на јужноамериканскиот револуционер Ернесто Че Гевара.
Де Бласио цитатот го изговори синоќа на шпански јазик за време на втората дебата на демократските претенденти за претседателски кандидат, што се одржа во Мајами.
– Хаста ла викторија сиемпре (секогаш до победа), изјави тој во еден момент во текот на дебатата во поддршка на штрајкот на вработените на аеродромот во Мајами.
Фразата во своите настапи често ја користел револуционерот Че Гевара, кој е роден во Аргентина.
По ова, повеќе демократски коментатори и политичари побараа од Де Бласио извинување поради употребата на цитат од „убиец одговорен за смрт и репресии на Куба и во Јужна Америка”.
– Не знаев дека фразата што ја кажав во Мајами асоцира на Че Гевара и не сакав никого да навредам, ако ме разбрале погрешно. Се извинувам за непознавањето на историјата на таа фраза, изјави Де Бласио.