Последната француска логорашка од Аушвиц почина на возраст од 101 година, објави канцеларијата на францускиот претседател Емануел Макрон.
Макрон ѝ оддаде почит на Хенриет Коен, која почина во понеделникот, нарекувајќи ја „храбра, силна, великодушна и предана жена“.
Германската тајна полиција Гестапо ја уапси Коен со нејзината свекрва во окупираниот Марсеј во мај 1944 година, стои во објавувањето на Елисејската палата.
Свекрвата беше убиена во гасните комори во Биркенау веднаш по депортацијата. Хенриет преживеала, а кога се вратила во Франција во јануари 1945 година, тежела едвај 35 килограми.
Како и повеќето што го преживеале холокаустот, Коен не сакаше да зборува за своето искуство.
„Но, по 40 години тишина, најде сила да сведочи и да им раскажува на младите за ужасите во логорот,за да не може да се негира холокаустот“, пишува Елисејската палата.