Работна посета на амбасадорката Чаушевска – Димов на францускиот регион Алзас

 Во организација и со поддршка на претседателот на асоцијацијата „АЛМА” ( Алзас-Северна Македонија), Жак Шлеф, амбасадорот на Република Северна Македонија во Франција, Јадранка  Чаушевска – Димов, имаше работна посета на Алзас, која беше искористена и за средба со Македонците кои работат и живеат во Стразбур, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

На средбата во „ПАМИНА” (европска групација за локална соработка), со нејзиниот претседател Реми Бертран и генералниот директор, Патрис Арстер, амбасадорот Чаушевска-Димов разговараше за триесетгодишното искуство на оваа организација во реализирањето на проекти во рамките на прекуграничната соработка и значењето што оваа соработка го има врз секојдневниот живот на месното население од трите региони во Франција и Германија.

Со претседателот на „Меѓународната асоцијација на Алзашани”, Жерар Штедел беа разменети и мислења околу можностите кои реално постојат за воспоставување контакти и соработка на стопански план со овој регион.

На истата тема се разговараше и за врема на средбата со градоначалникот на Офендорф, Дени Омел.

Посетата на регионот Алзас беше одличен повод и за средба со претставниците на македонската заедница кои живеат и работат во Стразбур, одржана во Постојанта мисија на Република Северна Македонија при Советот на Европа во Стразбур, каде беше заклучено дека постои ентузијазам и подготвеност заеднички да се работи на обезбедување поголем визибилитет на нашата земја, особено на културен план во овој дел од Франција.

На средбата со македонската заедница чиј домаќин беше Олгица Василевска која го завршува својот мандат како претставник на Северна Македонија во Советот на Европа, имаше и претставници на дипломатскиот кор.

Домаќинот, Жак Шлеф се потруди да ја запознае амбасадорката на нашата земја и со дел од богатото културно наследство и гастрономија на Алзас, кој според својата историја има многу сличности со нашата земја.

Треба да знаете
Последни објави