Рудина Хајдари до албанските граѓани: Дистанцирајте се од насилство и играта на политичарите

– Координаторката на новата пратеничка група на опозициската Демократска партија, Рудина Хајдари побара од албанските граѓани да се дистанцираат од насилство и од играта на политичарите, кои не се во служба на интересите на граѓаните и на државата.

Рудина Хајдари, која е ќерка на Азем Хајдари, еден од основачите на Демократската партија чие убиство пред седиштето на партијата во септември 1998 година се уште не е расветлено, со остар тон ги обвини и опозицијата, чиј дел беше до пред неколку месеци, но и Владата и албанскиот премиер Еди Рама.

– Не треба да го игнорираме фактот дека сме пред една тензична ситуација. Од една страна, имаме непарламентарна опозиција со регресивни и разурнувачки политики за албанскиот народ, која исто така го попречува патот на развојот и отворањето на преговорите со одржување протести кои беа насилни и на штета на обичниот граѓанин и имиџот на Албанија во целиот свет, изјави Хајдари.

Од острите критики таа не го поштеди ниту премиерот Рама.

– Владата „Рама” во овие шест години не успеа да ја стави економијата на здрави нозе, да посее надеж за сите Албанци и да ги зајакне институциите и правната држава, оставајќи ја Албанија многу назад во споредба со другите земји во регионот. Високата корупција во Албанија е извор на секое зло во оваа земја, од празнењето на Албанија до не казнувањето на оние кои се денес над законот и не сносат одговорност, туку напротив се заштитени од гнилата правда, обвини таа.

Хајдари додаде дека владејачкото мнозинството го закочило спроведувањето на правосудните реформи што заедно со борбата против корупцијата останале само на хартија, што ,како што рече, е кристално јасно бидејќи нема ниту Уставен суд, ни Врховен суд.

Според неа, потребно е внимателно да се разгледаат финансиските извори на партиите кои „се претвориле во корпорации во служба на партискиот лидер”.

– Недостигот на демократија во партиите, донесе судри меѓу електоратот. Уставот е светост и не треба да се крши. Политиката не треба да биде пречка во интеграцијата на Албанија и да се подредува над животот на секој граѓанин. Повикувам на дистанца од поттикнување на насилство од страна на сите страни, заради интересот на Албанија. Не може да ја гледаме борбата меѓу политичарите за нивните тесни интереси да ја уништат Албанија. Дистанцирајте се од насилство и не станувајте дел од играта на оние политичари кои не ви служат ниту вам, ниту на земјата, порача Хајдари.

Таа нагласи дека е време за вистинско дистанцирање од политичарите, кои ја продлабочуваат кризата се повеќе и повеќе и за продолжување по европски пат на земјата.

Пренесувајќи го обраќањето на Хајдари, албанските медиуми наведуваат дека нејзиниот остар тон потсетува на изјавите на поранешниот американски амбасадор во Тирана, Доналд Лу.

Треба да знаете
Последни објави