Царовска: Ги развиваме услугите за заштита од родово насилство

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска присуствуваше на Конференција на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување,  на тема „Финансиските импликации за обезбедување допстапни и пристапни специјализирани сервиси за жртви на родово засновано и семејно насилство”, чија цел е да се отвори дискусија за ова прашање и таа да биде во согласност со стандардите на конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.

-Родово базираното насилство е нешто што и во моментот го работиме како развој на услуги. Министерството со Градот Скопје ги покрива сите услуги во скопскиот регион коишто се менаџирани и спроведувани дел од Центрите за социјална работа, дел од здруженијата на граѓани, изјави Царовска.

Во моментот во скопскиот регион има воспоставено СОС линија, кризен центар за 24-48 часа сместување, долгорочно сместување до шест месеци во шелтер центар, психо-социјална поддршка во прв семеен центар за жртви сторители и деца и правно зајакнување.

-Дополнително до октомври е планиран развој на психо-социјални советувалишта во уште пет градови во други региони, затоа што е важно услугите да се блиску до граѓаните и ќе работиме на развој на истиот овој пакет на услуги во другите региони. Јас сум сигурна дека до 2025, како што е утврдено во Акцискиот план од Истанбулската конвенција, што ја ратификувавме како држава, ќе ги исполниме стандардите и ќе добиеме позитивно светло од оние кои треба да ја оценат државата, дополни Царовска.

Земјава на 30 декември 2017 ја ратификуваше Европската Конвенција за спречување борба против насилство врз жените вклучително и семејно насилство (Истанбулска конвенција) која стапи на сила на 1 јули 2018. На 9 октомври 2018 година го усвои Акцискиот план за нејзино спроведување за период до 2023 година. Тука се предвидени конкретни активности и временска рамка за реализирање. Посебен фокус во имплементацијата на акцискиот план е во националната легислатива и развивање на специјализирани сервиси за жртви на родово базирано насилство.

Во Законот за социјална заштита, освен што се унапредуваат социјалните права и трансфери кон граѓаните, се дава основа за плурализација или развој на социјалната заштита. Ова се постигнува преку пренесување на услугите на локално ниво и вклучување на социјални партнери, како здруженија на граѓани или приватни компании коишто можат да нудат услуги во име на државата.

Треба да знаете
Последни објави