Во 16 проценти од случаите при користење роаминг од корисници од државава имало нереално висока сметка што претставува пад од два процента во однос на минатата година. Повеќето од лицата што добиле висока сметка за роаминг сметаат дека таа се должи на користењето разговори (36 проценти) и користење на интернет (32 проценти), додека 40 проценти не знаат на што се должи висината на сметката.
Тоа се дел од клучните наоди од испитувањето на јавното мислење од аспект на заштита на корисници на елекотронски комуникациски услуги, спроведено за потребите на Агенцијата за електронски комуникации од 24 до 31 минатиот месец врз репрезентативен примерок од 1 100 испитаници.
Скоро една петтина од испитаниците кои знаат што е роаминг слушнале за договорот за регионален роаминг. Oд нив 16 проценти ја користеле таа поволност. Половина од корисниците на регионален роаминг, пак, сметаат дека тој е незначително поевтин.
Ново намалување на цените на услугите во роаминг помеѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ ќе има од понеделник. Од тој датум цените ќе се намалат за 27 отсто, а од јули 2021 година ќе бидат целосно укинати, согласно со Договорот потпишан на Вториот дигитален самит за Западен Балкан, како предуслов за почнување на постапката за укинување на роамингот кон Европската унија.
Според податоците на АЕК, во последните 12 месеци, 18 проценти од населението од државава користело роаминг. Повеќе од една четвртина (27 проценти) од корисниците на роаминг се информираат за цената за роаминг во соодветната земја. Роамингот најчесто се користи за испраќање на СМС пораки –78 проценти и за разговори 54,8 проценти, додека интернет во роаминг користеле само 18 проценти од корисниците на роаминг.
Во мобилната телефонија бројот на корисници кои потпишале двегодишен договор бележи раст од седум проценти во однос на 2018 година и изнесува 65 проценти. Мнозинството од корисниците што склучуваат договор доплатиле за телефонски апарат (53 проценти) или добиле телефонски апарат бесплатно (30 проценти).
Корисниците на интернет преку мобилен телефон бележат раст годинава (69 проценти) во однос на минатата година (64 проценти). Задоволството кај овие корисници во однос на брзината и достапноста на мобилниот интернет е зголемено во 2019 година во споредба со претходната година, додека задоволството од цената на оваа услуга останува речиси непроменето.
Телефонски приговарале девет проценти од корисниците на мобилна телефонија и 21 процент од нив биле потполно задоволни од одговорот на операторите. Бројот на незадоволни корисници од одговорот е намален во однос на 2018 за шест проценти. Писмен приговор упатиле два процента од корисниците на мобилна телефонија, од кои повеќето , 82 проценти приговарале за висината на сметката. На 82 проценти од испитаниците што поднеле писмен приговор им е одговорено за помалку од 15 дена.