Активисти за заштита на климата со „жив синџир” го опколија Бундестагот

Околу 1.500 ученици-активисти за заштита на климата денеска формираа „жив синџир” околу зградата на германскиот Парламент во Берлин, одбележувајќи го на тој начин последниот петочен протест пред летните одмори.

Учесниците на протестите, што веќе неколку месеци се одржуваат под мотото „Петоци за иднината”, држејќи се за раце денеска формираа „жив синџир” околу Парламентот.

„Кризата со климата не познава летен одмор” и „Вие сте стари – Ние сакаме да остариме” беа само некои од транспарентите што ги носеа демонстрантите на денешниот протест, на кои им се приклучија и дел од пратениците во Парламентот од редовите на партијата Левица.

Досега најголемиот протест во Германија во рамки на собирите „Петоци за иднината” се одржа минатиот петок во градот Ахен во близина на границата со Холандија, на кој учествуваа околу 40.000 лица, во најголемиот број ученици.

Треба да знаете
Последни објави