„Виното како мост за поврзување на Западен Балкан“ е новиот проект во чии рамки ќе се поврзуваат земјите од регионот во насока на промоција на Балканот како вински регион
„Иако Балканот како регион е еден од најголемите производители на вино во светот сеуште не е познат на винската и пошироката јавност и затоа неговото поврзување и насочено заедничко делување може да донесе придобивки за сите земји од регионот. Целта е сите чинители во секторот во сите земји на Балканот да разменуваат знаења и вештини, да учат едни од други, да можат да користат знаења од реномирани експерти и заеднички да го промовираат регионот”, изјави Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на „Вина од Македонија“.
Здружението „Вина од Македонија“ во партнерство со организации од Белград (Wine Q – Центарот за винска култура во Република Србија), Требиње (Здружение на граѓани Салон Жилавке од Босна и Херцеговина) и Подгорица (Винската Академија на Црна Гора) добија поддршка од Фондацијата Western Balkan Fund за креирање на мрежа во регионот, која ќе делува во доменот на поврзување и заедничка промоција на виното од балканските земји.
Целта на проектот е во првата година да се создаде мрежа на субјекти кои се активни во земјите на Западен Балкан, но и во останатите земји на Балканот, а кои работат во насока на подобрување на винската индустрија и винскиот туризам и да се постави план на делување по одделни активности кој ќе започне да се реализира од 2020 година.
Заедничкото делување, креирање на заедничка винска приказна и поврзување на винските патишта од регионот ќе придонесе за поголема промоција на интернационалните пазари, но ќе овозможи и заедничко делување во сите сегменти, почнувајќи од лозовите насади, подобрување во производство на вино, како и во областа на законодавството.
Сите чинители во регионот што делуваат во рамки на винската индустрија се повикани да се приклучат во креирање на Балканската винска мрежа со директен контакт со еден од горе наведените партнери. Во втората половина на годината (во текот на Октомври или Ноември 2019), во Скопје, ќе се одржи првата конференција на Балканската винска мрежа, на која ќе бидат повикани да се вклучат и претставници од останатите земји од балканскиот регион.
Особено е значајно што иницијативата беше препознаена и ќе биде финансиски поддржана од Western Balkan Fund, што е интернационална организација основана од страна на владите на Северна Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово како иницијатива со сеопфатна и регионална сопственост, што дава јасен знак за нов дух на соработка на Балканот.