Германски и курдски археолози благодарение на сушата во Ирак, открија 3.400 години стара палата во коритото на реката Тигар, објави германски универзитет.
Комплексот се протега на најмалку две илјади квадратни метри, а бил дел од царството Митани, древна држава која владела со територијата на денешна Сирија и Анадолија, информира универзитетот во Тубинген.
Археолозите ја откриле палатата минатата есен, а потоа имале само три недели да ја истражат пред повторно да се подигне нивото на реката.
„Копавме колку што можеме побрзо“, изјавил Иван Пуљиз од универзитетот. Кога нивото на водата се зголемило, зградата целосно исчезнала.
Ѕидовите на палатата се високи до два метра, а археолозите пронашле и мурали во црвена и сина боја.
Внатре во комплексот биле пронајдени десет ракописи на клинесто писмо. Во еден од нив се вели дека палатата некогаш била дел од стариот град Зачика.