Лидерите на Русија, Индија и Кина денеска на маргините на Самитот на Г-20 во Осака се заложија за заедничка акција против унилатерализмот.
Рускиот и кинескиот претседател Владимир Путин и Си Џинпинг и индискиот премиер Нарендра Моди разговараа за начините за зајакнување на врските помеѓу нивните земји.
Путин наведе дека на средбата била нагласена потребата за почитување на меѓународното право, националниот суверенитет и воздржување од мешање во внатрешните работи на другите држави.
Тој додаде дека министрите за надворешни работи и претставниците на безбедносните служби координирале заедничка акција против тероризмот, трговијата со дрога и за другите безбедносни предизвици.
– Русија, Кина и Индија одлучно се спротивставуваат на протекционизмот, унилатералните акции и незаконските санкции, истакна Путин.
Средбата помеѓу Путин, Си и Моди уследи по состанокот на БРИКС, во кој се вклучени Бразил и Јужноафриканската Република.