Јанакиески оди во притвор и уште седумина осомничени
Екс министерот Миле Јанакиески, повторно ќе се врати зад решетки, откако вечерва му беше одреден притвор, како осомничен во најновата акција на Обвинителството за организиран криминал и корупција, а во врска со продажба на државно земјиште.
-Постапувајќи по предлогот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Основниот кривичен суд во Скопје го прифати предлогот на Обвинителството и им определи мерка притвор на лицата: М. Ј., А. Ј., Е. Р., М. Ј., Д. Д., В. С., Д. М., и Л. С. На лицата Б.Д. и С.К. им определи мерки на претпазливост. За М.Ј. и Е.Р. се исполнети условите од точка 1 и 2 опасност од влијание, а за останатите осомничени, сите 3 точки“.
Против овие решенија осомничените имаат право на желба, велат од Кривичниот суд.
Осомничени во оваа истрага освен Јанакиески, се и Димитар Димовски, вработен во Министерството за транспорт и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ и Дејан Митревски претседател на општински комитет на оваа партија во Аеродром – исто така вработен во Министерството.
Меѓу уапсените е и државниот правобранител, Емилија Радојкова, вработена во Катастар, нотари и бизнисмен.
Како што денеска објасни обвинителката Ивана Трајчева, станува збор за склучување на договори за отуѓување на земјиште во сопственост на државата.
Поконретно за четири локации со намена за изградба на хотелски комплекси. Една од локациите е позната како Шпански скали. На десетимина им се става на товар злоупотреба на службената положба, додека на еден несовесно вршење во службата. Трајчева објасни дека договорите предвидувале обврски спрема изведувачот кои не биле испочитувани.
Поради тоа требало да бидат раскинати, но тоа не било сторено со што била предизвикана штета на државата. Обвинителството бара и замрзнување на имотот на осомничените за надомест на предизвиканата штета во висина од 2,6 милиони евра.
-Предложено е и да не се отуѓуваат земјиштата кои се предмет на оваа постапка како и имотот за кој сметаме дека е неосновано постигнат од страна на осомничените – рече Трајчева.