Северна Македонија е апсолутно подготвена за почеток на преговори со Европската Унија во октомври, и ЕУ нема аргументи против започнување на процесот. Ваква порака испратија вчера шефот на дипломатијата Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Димитров вчера од Софија порача дека нема друга алтернатива освен европскиот пат и доколку земјава не добие датум за пристапни преговори, би се испратила лоша порака во целиот регион дека можеби не вреди да се инвестира политички капитал во европски компромиси и да се работи фокусирано на реформите.
– Фокусирани сме на октомври. Покажавме европски однос кон регионот, кон соседството, градиме мостови. Дома имаме неверојатен демократски пресврт во изминатите две години. Мислам дека сме апсолутно подготвени да го почнеме пристапниот процес, рече Димитров вчера во Софија на состанокот на Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на Организацијата за црноморска економска соработка.
Земјава, оцени Димитров не е подготвена за членство, меѓутоа, како што рече, сакаме процесот сака да го користиме како алатка да станеме вистинска европска демократија.
Во исто време, во интервју за европскиот веб портал Еурактив, министерката за одбрана Шекеринска, вели дека одлагањето на одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија не е „најдобрата политика” и дека министрите на ЕУ едногласно се согласиле дека нема аргументи против започнувањето на процесот.
-ЕУ министрите одлучија да се навратат на прашањето за неколку месеци. Она што беше едногласно изразено е дека нема реален аргумент за одбивање почеток на пристапни преговори со Северна Македонија, одговари Шекеринска на прашањето за разочарувањето од одлагањето на датумот за преговори.
Според неа, одлуката за одлагање на датумот „не е најдобрата политика” со оглед на напорите вложени од македонска страна.
– Минатата година, списокот на очекувања од ЕУ страната беше доста долг и можеби многумина мислеа дека нема да бидеме способни да испорачаме во толку кус временски рок, имајќи ја на ум тешката политичка агенда, бидејќи сите домашни реформи требаа да одат паралелно со преговорите со Грција, референдумот и уставните измени. Но, успеавме да испорачаме и затоа дури и најкритичните проценувачи на нашиот напредок мораа да се согласат дека го направивме нашето, за жал сега се доцни во испорачувањето од страна на ЕУ, објаснува Шекеринска за Еурактив.
Според неа, трите месеци одлагање нема да ги сменат работите, и Северна Македонија ќе продолжи да испорачува, но во прашање е кредибилитетот на ЕУ како глобален и регионален актер.
На прашањето дали за Северна Македонија ќе беше подобро да се одвои од Албанија, Шекеринска не одговара директно, но потсетува дека земјата е кандидат за членство од 2005-та.