Во организација на Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ), вчера во Скопје се одржа Евалуација на Балканската младинска школа и програма на затворање, на која присуствуваше и се обрати министерот за култура Хусни Исмаили.
Министерот Исмаили пред учесниците на младинската школа истакна дека реализацијата на еден ваков настан во Република Северна Македонија, е од особено значење за развојот на односите меѓу Република Турција и нашата земја но, и со останатите земји од Балканот. Тој додаде дека спроведувањето на проектот ќе овозможи различните нации кои живеат на балканските простори, подобро да се разберат и да се запознаат.
„Верувам дека проектот Балканска младинска школа ќе ја зајакне културата на соживот на различните нации во овој регион и ќе ги одржи мирот и стабилноста“, рече Исмаили.
На настанот кој со поддршка на Претседателството на Турците во странство и сродните заедници (YTB ) се спроведе во осум земји на Балканот, присуствуваа и претседателот на Големото народно собрание на Турција, Мустафа Шентоп, претседателот на Турците во странство и сродните заедници, Абдула Ерен, вишиот соработник во Големото народно собрание на Турција, д-р Неџип Фазил Курт, пратеници од турскиот Парламент, амбасадорката на Република Турција во нашата земја, Тулин Еркал Кара, како и претставници на повеќе турски институции, организации и голем број гости.