Словенија, која долж границата со Хрватска има поставено жичени бариери и огради под изговор за борба против илегалната миграција, бурно реагира на соопштението на италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, дека границата кон соседната земја наскоро би можела да биде обвиткана во жица, пренесуваат регионалните медиуми.
Од утре на терен треба да почнат да дејствуваат заеднички италијанско-словенечки гранични патроли, иако досега не е готова официјалната процедура за нивно формирање, објави хрватскиот „Вечерњи лист“, а пренесува „Танјуг“.
Доколку почнат со работа и нивните дејствија во рок од три месеци се покажат како неефикасни, Италија ќе постави, како што се вели во извештајот, технички препреки на границата со Словенија.
Италијанскиот министер од десничарската партија „Лига“ ја најави ваквата можност, нагласувајќи го проблемот со илегалните мигранти во регионот Фриули-Венеција Џулија, на северот од земјата.
Словенија, каде што ваквата информација беше дочекана со негодување, е незадоволна од ставовите и на уште еден свој сосед, Австрија, која уште во време на миграциската криза воведе гранични контроли и со тоа го суспендираше шенгенот.