Во организација на Пинг понг федерацијата на Македонија (ППФМ) се организираше доделување на наградите на најуспешните клубови и поединци за натпреварувачката сезона 2018/2019 година, како и доделување на ваучерите на клубовите.
На завршната манифестација со која свечено беше извршено доделувањето на признанијата на најдобрите за сезоната 2018/19, претседателот на ППФМ, Горан Тиловски во друштво на своите најблиски соработници како и многу истакнати спортски работници од пинг понгот ја прогласи сезоната за завршена.
На најдобрите играчи во сите категории им беа врачени плакети, медали им беа доделени на првите тројца во сите категории во поеднечна конкуренција.
На најдобрите клубови од супер лигата им беа доделени исто така признанија, и скромни парични награди. Пехарот за најдобра екипа и оваа сезона заврши кај ППК Вардар од Скопје.
Исто така, на клубовите им беа доделени и ваучери, со што значително ќе им се помогне на клубовите во обезбедување на подобри услови за целокупното нивно функционирање.
Веќе од првиот ден на месец Јули започнуваат подготовките за следната сезона 2019/20. Преодниот рок за играчи и пререгистрација на играчите ќе се изврши во месец Јули.
Сениорската репрезентација ќе учествува на Балканското Првенство во Подгорица, Црна Гора.