Два авиони за малку ќе се судреле на македонското небо, на осми мај, поради негрижа на македонската контрола за летање, која не успеала да ги координира авионите, па снаодливоста на пилотите спречи огромна трагедија – дознава Економски Лидер.
На осми мај оваа година, огромна катастрофа е избегната на македонското небо. Овој скандал кој М-НАВ го крие веќе два месеци, Економски Лидер ексклузивно го објавува.
Контролорот на летање и близок пријател на претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Николче Тасески, издавајќи погрешна инструкција буквално довел два авиони во состојба да се судрат. Има укажувања дека погрешната инструкција директно предизвикала целосно да се изгуби контрола над ситуацијата, а пилотите биле оставени сами на себе. Благодарение на алармот на инструментите во пилотските кабини, пилотите спречиле голема трагедија – дознава Лидер.
Во овој инцидент инволвирани се два авиони:
– Првиот авион на линија Атланта – Истанбул, на компанијата „Туркиш ерлајнс“, тип ербас А330-200, со регистрација TC-JND регистриран во Турција кој може да носи 335 патници и
– Вториот авион на линија Тел Авив- Амстердам,на компанијата „Трансавиа“ TRA5800, тип боинг 737-7К2, со регистрација PH-XRD регистриран во Холандија, кој може да носи 149 патници.
Авионот на „Туркиш ерлајнс“ летал безбедно скоро 9000 км од Атланта, САД до Истанбул,Турција, но над Дојранско езеро во Македонија на само 500км воздушна линија од Истанбул за влакно избегнал судир со друг авион кој летал во спротивна насока.
Како што дознава Лидер, претходно, 7 до 8 минути пред инцидентот авионот на „Туркиш ерлајнс“ од кај Качаник, Косово влегол во воздушниот простор на Македонија и уредно се јавил на македонската контрола на летање. Бил лоциран и препознаен од контролорот на летање со помош на радарскиот систем и од тогаш бил под водство на македонската контрола на летање. Кога авионот на „Туркиш ерлајнс“ бил близу до излезот од македонското небо над Дојран на врска на македонската контрола на летање се јавил авионот на „Трансавиа“ кој пак требал да влезе во македонскиот воздушен простор над Дојран. Уредно е лоциран и препознаен со помош на радар од истиот контролор на летање. Од тогаш и „Трансавиа“ е под водство на македонската контрола на летање, т.е. истиот контролор на летање. Авионот на „Трансавиа“ доставил барање до контролорот за повисоко ниво на лет.
Контролорот, според информациите на Лидер, без да ја анализира и увиди состојбата во воздушниот простор веднаш тоа го одобрил и со тоа ги довел во огромна опасност од судар двата авиони бидејќи авионот на „Трансавиа“ поминал низ патеката на движење на авионот на „Туркиш ерлајнс“ во моментот кога скоро биле на иста висина, најверојатно околу 29.000 стапки, или 8,8 килуметри, и многу блиску еден наспроти друг движејќи се со брзини од 750-950 км на час во правец на директен судир.
Експертите за Лидер велат дека сите важечки правила и прописи на светско ниво што одредуваат кои се дозволени минимални норми на оддалеченост на еден авион од друг вертикално и хоризонтално биле прекршени. Нејасно е што правел контролорот на летање.
За оваа катастрофална грешка, според информации на Лидер, се вклучил алармот на радарскиот систем на македонската навигација, но и алармите на сите центри за навигација во соседните земји. Нејасно е како одговорниот контролор и инструктор по контрола на летање, кој најверојатно бил и шеф на смената, не успеал алармот да го слушне и да дозволи целосно да ја изгуби контролата на небото, посебно над овие два авиони. Експертите за Лидер тврдат дека најстрашно од се е тоа што сам ја дал инструкцијата која ги довела авионите во огромна опасност од судир во воздух.
Лидер го провери настанот на интернет страницата www.flightradar24.com и може да се заклучи дека во критичниот момент, над македонското небо немало гужва. Нејасно е како дошло до инцидентот. Освен на оваа страница, постојат и снимки од настанот во М-НАВ.
Според наши информации контролата на летање ги снима сите летови, вклучително и радарската слика на воздушниот простор.
За овој настан, каде можеше да загинат над 400 луѓе, М-НАВ не сака да зборува.
За илустрација, познавачите за Лидер, укажуваат што се случува во авионите при ваква опасност од судир.
– Авионите нагло менуваат правец и висина со цел да одбегнат судир. Патниците кои се релаксирани, и раздвижени низ авионот и не се врзани во таква ситуација буквално летаат низ патничката кабина, се истураат храната и пијалоците. Нема време за предупредување, а потегот е оправдан со тезата дека подобро е да загинат од повреди неколку луѓе кои ќе се разлетаат низ патничката кабина, отколку да се судрат двата авиони и сите да загинат. Тоа е епилогот во најдобар случај. Во овој случај досега не се стигнати информации за евентуално повредени патници заради наглите маневри кои се видливи на интернет страната спомната во текстот. – вели експерт за Лидер.
За овој инцидент во М-НАВ се јавиле претседателот на УО Николче Тасески и неговата заменичка Ирена Каличанин, инаку двајцата заедно отсутни на ист состанок во странство, тврдат свиркачите за Лидер. И двајцата од таму давале усмени телефонски инструкции како да се постапи, кој е виновен, а кој не е. Телефонски Тасески и Каличанин утврдиле дека никој не е виновен. Според сврикачите на Лидер, за да се утврди тоа треба да се формира комисија која би ги прегледала сите факти и снимки и би донела заклучок.
За оваа ситуација, според експертите доколку има истрага нема да може да пласираат неточни информации за состојбата на радарскиот систем и воопшто состојбата во М-НАВ.
– Секако истрагата не смее и најверојатно нема да заврши тука бидејќи пилотите ваков инцидент се должни да го пријават во својата компанија, која пак ќе го пријави на Европско ниво во надлежни институции. Европските институции ќе формираат меѓународна комисија која ќе го испитува случајот, покрај истрагата што би требало да ја води Агенцијата за цивилновоздухопловство и македонската комисија за истражување воздухопловни инциденти. – тврди позанвачот за Лидер.
Ова е само еден од инцидентите во М-НАВ. Економски Лидер, по објавувањето, очекува надлежните да се изјаснат за случајот.
Извор: Економски Лидер