Како што беше најавено, шпанска телевизија изминатава вечер го објави комплетното интервју направено со Пеп Гвардиола кој се наоѓа во родната земја по повод годишниот одмор, а од студиото на познатата куќа ни пристигнаа навистина опширни изјави на повеќе теми.
Актуелниот менаџер на Манчестер Сити во своето обраќање нагласи дека Премиер лигата е натпреварување кое најдобро го продава својот производ, но не заборави да им испрати порака и на редовните критичари кои доста често го „пецкаат“ за неговиот неуспех во Лигата на шампионите кој го прогонува од последната титула освоена со Барселона.
– Потребни ми се луѓе кои ме мразат поради една причина. Фудбалот е игра во која постојано има големи барања. Спортот создава големи непријатели, а во тој момент јас си велам „добро е“ и се обидувам да се надминам себеси. Истото им се случува и на спортистите. Многумина велат дека бев разочарување во Баерн поради тоа што не ја освоив Лигата на шампионите, нека биде така. Но, тие луѓе не се запознаени со сите позитивни работи кои ги стекнав и кои ги направив во овој клуб, – порачува шпанскиот стручњак кој изминатава сезона направи историја во Англија со трите освоени титули на домашната сцена.