Хонгконшката полиција употреби солзавец за да ги растера демонстрантите собрани пред Парламентот на оваа автономна кинеска територија, откако неколку стотици луѓе влегоа во зградата на Парламентот и испишаа графити на ѕидовите на собраниската сала.
Полицајците брзо стигнале до собраниската сала, но во неа затекнале само новинари, јавија светските медиуми.
Некои од насобраните пред зградата брзо си заминале откако полицијата фрлила солзавец и почнала да напредува кон Парламентот со опрема за разбивање демонстрации.
Десетици илјади луѓе протестираа во градот, барајќи повеќе демократија на 22-годишнината од британското предавање на Хонг Конг на Кина, кој до тогаш беше британска колонија.
Луѓето на улиците тврдат дека владата на Хонг Конг не одговорила на нивните барања за целосно повлекување на контроверзниот закон за екстрадиција и оставка на премиерката на Хонг Конг, Кери Лам.