Бројот на Руси кои ја посетуваат Грузија ќе се намали за еден милион долари поради привременото суспендирање на летовите од Русија, што резултираше со загуби за домашната економија во висина од 2 милијарди лари (речиси 710 милиони долари), изјави шефот на Националната администрација за туризам на Грузија, Маријам Квривишвили, пренесува ТАСС.
„Во 2018 година, околу 1,4 милиони туристи од Русија ја посетија Грузија, а приходите на туристичкиот сектор во Грузија од рускиот туризам достигнаа 2 милијарди лари. Во 2019 година очекувавме околу 1,7 милиони туристи и заработка од 2,5 милијарди лари (над 886 милиони долари). Според нашите предвидувања, до крајот на годината имаме околу милион туристи помалку од Русија и ќе изгубиме до 2 милијарди лари”, рече Квривишвили.
На 21 јуни, рускиот претседател Владимир Путин издаде декрет со кој се воведува привремена суспензија на летовите, меѓу кои и комерцијалните, од Русија до Грузија почнувајќи од 8 јули. На 22 јуни, руското Министерство за транспорт објави дека почнувајќи од 8 јули, летовите на грузиските авиокомпании кон Русија ќе бидат прекинати.
Русија ги забрани летовите до и од Грузија по немирите што избија во Тбилиси на 20 јуни. Протестите беа предизвикани поради обраќањето на руски пратеник во грузискиот парламент. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека забраната за летови е насочена кон осигурување на безбедноста на Русите кои би можеле да бидат изложени на ризик во Грузија.