Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск изјави вечерва дека лидерите на Европската Унија без противење и со воздржаност од страна на Германија, го договориле пакетот за именување на функционерите на сите четири раководни позиции на институциите на ЕУ.
„Беше потребно повеќе време од планираното, но сето тоа го постигнавме во рокот. Договоривме цел пакет пред првата сесија на Европскиот парламент“, изајви Туск пред новинарите во Брисел.
Тој потсети дека пред пет годни на европските лидери им биле потребни три месеци да донесат одлука за именувањата, а овојпат тоа било направено за само три дена.
„Избравме две жени и двајца мажи за клучните позиции. Тоа е совршен родов баланс. Вредеше да се чека за ваков исход“, изјави Туск.
Тој објави дека Еропскиот Совет ја предложил Урсула фон дер Лејен за иден претседател на Европската Комисија и ја номинирал Кристин Лагард за кандидат за претседател на Европската централна Банка. Шарл Мишел ќе биде иден претседател на Европскиот совет, а Жозеп Борел е номиниран за Висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
„Сега е на Европскиот парламент да ја разгледа номинацијата на Урсула фон дер Лејен за позицијата претседател на Комисијата. Ако биде избрана, таа ќе биде првата жена која ќе раководи со Европската Комисија“, наведе тој.
Туск оцени дека Шарл Мишел како белгиски премиер е идеален за изнаоѓање на консензус и градење на единство помеѓу земјите членки.
„Жозеп Борел како министер за надворешни работи и некогашен претседател на Европскиот парламент ќе биде силен претставник и бранител на интересите и вредностите на ЕУ во светот“, оцени Туск.
Според неговите зборови, Кристин Лагард со меѓународното искуство и со позицијата директор на Меѓународниот монетарен фонд ќе биде совршен и независен претседател на Европската Централна Банка.