Диви, пијани, непримерни и насилни. Шетаат по град во групи, без маици. Напаѓаат девојки и тепаат луѓе, вака хрватските медиуми ги опишуваат британските војници кои се на одмор во Задар.
„Задарски.хр“ пишува дека жителите на Задар трпат терор, а дека минатиот викенд британските војници истепале момче во центарот на градот и дека пијани избегале од неколку локали без да платат сметка.
Како што пишува „Задарски.хр“, во познат бар во градот додека имало многу гости во него, војниците го активирале апаратот за гаснење пожар, го уништиле ентериерот во локалот, а гостите бегале панично. Досега биле пријавени во полиција најмалку 10 пати поради дрско однесување и уринирање по градските улици.
„Тие не се ниту битанги, ниту криминалци, ниту хулигани, туку британски војници, горди припадници на британското воено воздухопловство, на Кралските воздушни сили, кои со нивното дивеење во последните седум дена буквално го тероризираат Задар“, пишува „Задарски.хр“.
Британските војници дошле од Задар пред седум дена од Удбина каде што се привремено сместени. Според неофицијални информации, војниците учествуваат во воена вежба на НАТО „Имедиет респонс 19“ под водство на американските сили во Европа, а во која учествуваат 1.600 припадници на вооружените сили на Хрватска, Словенија, Унгарија, БиХ, Албанија, Црна Гора, Косово, САД, Полска, Франција, Велика Британија, Литванија, Северна Македонија, Италија и Германија.
Британските војници имале една недела одмор, па одлучиле да го искористат во Задар. Станува збор за стотина војници, а некои од нив изнајмиле станови и апартмани во овој хрватски град.