Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески попладне ќе го посетат местото каде се излизгаа вагони од товарениот воз кој сообраќал на релација Куманово-Романовце.
Несреќата се случи околу два часот по полноќ во близина на селото Черкези. Нема повредени лица, но, како што информираа од Македонски железници – Инфраструктура, причинета е голема материјална штета на инфраструктурните постројки, пругата, колосеците, електричните столбови, сигнализацијата, контактната мрежа и оптички кабел.
Железничкиот сообраќај на релација Скопје-Куманово ќе биде во прекин следните неколку дена. Од Македонски железници – Инфраструктура велат дека екипите се мобилизирани и се работи на терен за да се тргнат вагоните. Од моментот кога вагоните ќе бидат тргнати од пруга, за 24 часа ќе ја ставиме во функција оваа железничка линија, велат од МЖ-Инфраструктура.