Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест” испрати жалба до Енергетската заедница поради владината Уредба за поддршка на производство на електрична енергија од обновливи извори која, како што наведуваат во соопштение, неправедно ги фаворизира малите хидроелектрани пред другите енергетски извори.
„Еко-свест” и CEE Bankwatch Network, стои во соопштението, вчера ја испратиле жалбата до Енергетската заедница.
-Македонија е потписник на Договорот за енергетска заедница, со кој се забранува каква било јавна помош која ја нарушува или се заканува да ја наруши конкуренцијата со фаворизирање на одредени претпријатија или одредени енергетски ресурси. Во последниве години малите хидроелектрани прават пустош низ земјите од југоисточна Европа – вклучувајќи ја и нашата земја – поради нивниот брз развој, често во заштитени подрачја, и без примена на законите за заштита на животната средина, нагласува „Еко свест” во соопштението.
Центарот за истражување и информирање за животна средина додава дека новата законска рамка одобрена од Владата во февруари оваа година дозволува неограничен број хидроелектрани под десет мегавати да продолжат да добиваат оперативни субвенции во форма на повластени тарифи. Во исто време, соопштуваат, сончевите фотоволтаици не можат да добијат никакви повластени тарифи, без оглед на големината. Сите квоти за ветерници веќе се резервирани, а само неколку мегавати биомаса и биогас сѐ уште можат да добијат оперативна поддршка.
-Вицепремиерот Кочо Анѓушев, поседува голем број мали хидроцентрали, а неговиот кабинет е тесно вклучен во подготовката на законодавството за енергетскиот сектор. Затоа одлуката на Владата да даде предност на малите хидроелектрани изгледа сомнително, вели во пишана изјава во соопштението Давор Пехчевски од „Еко-свест”.
– Новите правила, што со новата законска рамка се воведуваат само за фотоволтаичните централи и повеќето ветерни централи, додава „Еко свест” се дизајнирани да ги минимизираат трошоците за потрошувачите. Тие мора да се натпреваруваат на аукции за да понудат производство на електрична енергија по најниска цена, а успешните понудувачи се квалификуваат за поддршка во форма на премии што се плаќаат над пазарната цена за електрична енергија за да се осигураат дека ги покриваат нивните производствени трошоци, се вели во соопштението.
Од Центарот нагласуваат дека системот со премии, што исто така се применува и во ЕУ, повлекува поголеми ризици за инвеститорите. Исклучувањето на хидроенергијата од овој систем му дава неправедна предност на овој сектор.
-За земја што го има Сонцето на нејзино знаме, Северна Македонија чудно го користи својот потенцијал. Привилегираната хидроенергија можеби имала смисла пред неколку години кога сончевата и ветерна енергија била премногу скапа, но тие денови се одамна поминати, вели Филипа Галоп од CEE Bankwatch Network и додава дека оваа пракса мора да се смени за да се изедначат можностите.
Од „Еко свест” напоменуваат дека самиот закон за контрола на државната помош не е во согласност со одредбите од Спогодбата за функционирање на ЕУ, кои се однесуваат на заштита на конкуренцијата.
-Во последниот извештај за земјата од ЕУ во поглавјето осум за заштита на конкуренцијата стои дека земјата мора да ја подобри транспарентноста на државната помош која ја дава Владата, меѓутоа и да обезбеди независност на институциите надлежни да ја спроведат. Како земја која активно се стреми да стане членка на ЕУ сметаме дека со вакво непочитување на ЕУ регулативата и игнорирање на забелешките од извештајот испраќаме порака дека за жал, не ја сфаќаме сериозно задачата за исполнување на обврските за влез во унијата, се додава во соопштението.