Почетокот на повторното судење за случајот „Ликвидација“ се одложи поради отсуство на една од поротничките, која имала оперативен зафат.
На новинарот Томислав Кежаровски и на останатите обвинети, судии, обвинители во Основен суд Велес повторно ќе им се суди, по одлуката на Врховниот суд да ги укине првостепената и второстепената пресуда и судењето да го врати од почеток.
Кежаровски во 2013 година беше осуден за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ во текст во списанието „Репортер 92“, со што според судот му го загрозил животот. Кежаровски помина пет месеци во притвор, во истражниот затвор „Скопје“, а потоа беше во домашен притвор. Според Кривичниот суд,тој беше осуден на 4 години и шест месеци, а Апелација му ја намали казната на две години.
Во овој случај осудени на правосилни казни беа и обвинетите Иле Танев, единствена казна затвор во траење од 1 година и 6 месеци, Валентин Зафиров, казна затвор од 2 години и 6 месеци, Ивица Ефремов, единствена казна затвор од 3 години, Борис Николовски доби условна казна од 1 година затвор, но почина во 2017 година, поради што за него постапката се запира, Сашо Лазаревски, условна казна од 1 година затвор која нема да се изврши доколку тој во следните 3 години не стори ново кривично дело.
Адвокатот Александар Тортевски побара за наредното рочиште Обвинителството да го прочисти обвинителниот акт, бидејќи за повеќето обвинети кривичната дела се застарени, и на нив нема да може да им се суди.
Наредното рочиште е закажано за 3 септември.
(Фото: Макфакс)