Осомничените за тешката сообраќајна несреќа на автобусот на „Дурмо турс” во која 16 лица го загубија животот, а вкупно 38 патници беа тешко повредени остануваат во куќен притвор, откако Основниот кривичен суд Скопје го одби како неоснован предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје за определување на мерка притвор.
– Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинтелство за определување мерка притвор за шест лица, опфатени со обвинителниот акт за автобуската несреќа која на 13.02.2019 година се случи кај селото Ласкарци, Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје по разгледвање на фактите и доказите во предлогот донесе решенија со кои предлогот на обвинителството за определување мерка притвор го одби како неоснован, а ја продолжи мерката куќен притвор за нови 30 дена. Што се однесува до поднесениот обвинителен акт, истиот согласно АКМИС – системот е распореден на оценка кај совет за оценка на обвинителен акт кој треба да закаже седница за оценка, а по донесената одлука странките и јавноста ќе бидат благовремено известени, информираат од Основниот кривичен суд – Скопје.
Основното јавно обвинителство Скопје вчера поднесе обвинение против шест лица, осомничени дека сториле тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот кои резултираа со тешката сообраќајна несреќа на автобусот на „Дурмо турс”. Oбвинети се сопственикот на компанијата, вработени возачот на автобусот, како и три други лица, вработени во станицата за технички преглед.