Премиерот на германската држава Саксонија, Михаел Кречмер, вели дека го поканил рускиот претседател Владимир Путин наскоро да ја посети источната германска федерална држава, повторувајќи го својот повик за укинување на санкциите против Русија од почетокот од јуни, кога предизвика голема дебата во земјата, пренесува РТ.
Кречмер го објави соопштението пред 400 луѓе на конференција на неговата партија ЦДУ (Христијанско-демократска унија), во Хемниц во текот на викендот. Тој навести дека Путин може да дојде во посета пред државните избори во Саксонија на 1 септември, објави „Билд“.
Набргу по средбата со Путин на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Кречмер ја нарече Русија стратешки важен партнер за Германија и побара економските санкции против земјата итно да бидат отстранети за подобра врска.
ЦДУ и Алтернатива за Германија (АфД) си дишат во врат во анкетите за изборите во Саксонија, федерална држава лоцирана на полската граница. Во својот говор, Кречмер зборуваше многу за потребата да се привлечат не-гласачите и оние кои се разочарани од политиката за да го дадат својот глас на неговата партија.
Поканата за Путин се чини дека е дел од оваа стратегија.Овој потег наиде на критики од политичките противници на ЦДУ, при што кандидатката на Зелената партија, Катја Мејер, го нарече популистички.