Производството и испораката на руски хиперсонични ракети „Авангард” продолжува по планот и без никакви одлагања, изјави рускиот заменик премиер Јуриј Борисов.
Неговата изјава уследи откако американските медиуми вчера објавија дека Русија произведува помалку ракетни системи „Авангард” од планираното поради потешкотии во набавката на компоненти.
Телевизијата Си-Ен-Би-Си вчера објави наводни податоци од американските разузнавачки служби дека Москва се уште не пронашла добавувач за јаглеродни влакна како замена за материјалите кои не ги издржаа високите температури во почетната фаза на лансирање.
Телевизијата повикувајќи се на неименуван извор тврди дека Русија нема да може да произведе повеќе од 60 ракети бидејќи „нивното развивање е прескапо”.
Производство на ново оружје, вклучително и хиперсоничните ракети „Авангард” беше најавено од рускиот претседател Владимир Путин во обраќањето до нацијата на 1 март 2018 година. Според него „Авангард” би можела да погоди која било точка во светот, да го избегне американскиот ракетен штит, а исто така не може да биде пресретната.
„Авангард” има интерконтинентален дострел и може да лета 20 пати побрзо од звукот.