Потенцијалниот кандидат за претседател на Европската комисија, социјалдемократот Франс Тимерманс не смее да биде одбиен за оваа функција, поради неговите принципи, изјави денеска шпанскиот премиер Педро Санчез.
Лидерите на ЕУ не успеаја да се договорат околу името на новиот прв човек на Европската комисија, бидејќи земјите членки на Вишеградската група категорично се противат на изборот на Тимерманс на оваа функција.
– Овие земји го одбиваат Тимерманс затоа што тој има утврдени принципи и европски вредности и за тоа што ги штити (европските) договори. Тоа е неприфатливо за нас, изјави Санчез пред денешното продолжение на Самитот на ЕУ посветен на изборот на новите раководни лица на институциите на Унијата.
Чешкиот премиер Андреј Бабиш пред денешното продолжение на Самитот повтори дека земјите од Вишеградската група – Полска, Словачка, Унгарија и Чешка остануваат на ставот дека се против изборот на Тимерманс за претседател на Еврокомисијата.
– Тимерманс е неприфатлив. Не можам да разберам како лидерите на Франција, Шпанија, Холандија и Германија за 21 час не сфатија дека Вишеградската група нема да прифатат тој човек да биде на чело на Комисијата на ЕУ, изјави Бабиш, изнесувајќи критики за ставовите на Тимерманс околу прашањата за миграцијата.
Тимерманс е актуелна потпретседател на Европската комисија и еврокомесар за меѓуинституционални односи, владеење на правото и почитување на Повелбата за фундаменталните права и од оваа позиција раководеше со постапките против Унгарија и Полска за прекршување на европските правила на владеење на правото.
Бабиш истовремено истакна дека актуелната еврокомесарка за конкурентност, данската либералка Маргрете Вестагер е многу подобар избор за прв човек на Еврокомисијата. Тој сепак призна дека лидерите на Вишеградската група немаат ист став околу ова прашање.
Од друга, страна Санчез запрашан околу можноста Вестагер да биде избрана за претседателка на Еврокомисијата, изјави дека таа е многу сериозен кандидат и дека остварила „извонредни резултатите” како еврокомесарка.