Сирија ги оквалификува израелските напади како „државен тероризам”

 Сирија го обвини Израел за вршење на „државен тероризам”, откако вчера беа извршени израелски воздушни напади, при што загинаа 15 лица, вклучувајќи и цивили.

-Израелските власти ја засилуваат практиката на државен тероризам, се истакнува во соопштението на сириското Министерство за надворешни работи.

-Последната одмаздничка израелска агресија е во рамките на обидите на Израел да ја продолжи кризата во Сирија, се додава во соопштението.

Израелските воздушни напади крај Дамаск и во провинцијата Хомс доцна во неделата убија деветмина провладини борци и шестмина цивили, вклучувајќи три деца, прецизираа од Сирискиот центар за набљудување на човековите права, чие седиште е во Велика Британија.

Засега не е јасно дали цивилите загинале при воздушните напади или подоцна, како последица од нив, додаваат од центарот.

Портпаролот на израелската армија одби да даде коментар за оваа тема.

Министерството за надворешни работи на Сирија поднесе жалба до Советот за безбедност на ОН во врска со израелскиот напад, барајќи одговорност.

Во жалбата се истакнува дека „опасните и непријателски” акција на Израел не би биле можни без поддршката на неговиот сојузник САД, кој го заштитува во Советот за безбедност.

Ударите поразија неколку ирански позиции во близина на главниот град Дамаск, а исто така го погодија истражувачкиот центар и воениот аеродром западно од градот Хомс, каде се распоредени „Хезболах” и Иранците, посочија уште од Сирискиот центар за набљудување на човековите права.

Еден од убиените провладини борци е Сириец, додека останатите се од други националности.

Треба да знаете
Последни објави