Австрија гласаше за забрана на глифосатот, главна состојка во озлогласениот хербицид „Раундап“ на „Баер-Монсанто“, со што стана прва земја на ЕУ која го забрани средството, создавајќи ПР катастрофа за германската компанија која е во проблеми, пренесува РТ.
„Научните докази за канцерогениот ефект на овој отров за растенија се зголемуваат. Наша одговорност е да го забраниме овој отров во нашето опкружување “, рече лидерот на Социјалдемократската партија, Памела Ренди-Вагнер, во изјавата од вторникот.
Резолуцијата беше усвоена во соработката на нејзината партија, десничарската Партија на слободата и либералната партија Неос, а останува само да биде потпишана од претседателот Александар ван дер Белен, поранешен лидер на Зелената партија, освен ако нема замерки од Горниот дом на парламентот.
„Сакаме да бидеме пример за други земји во ЕУ и во светот”, рече Ервин Прејнер, пратеник на социјалдемократите, кој работел на забраната.
Австрија го прифати органското земјоделство повеќе од која било друга европска земја – речиси една четвртина од обработливото земјиште е органско – и затоа не е главен пазар за хербициди базирани на глифосат, користејќи само неколку стотици тони годишно.
Австриското Министерство за одржливост и туризам тврди дека целосна забрана на глифосатот го крши законот на ЕУ, бидејќи хемикалијата е одобрена за продажба и употребата во ЕУ до 2022 година, но поддржувачите на законот посочија на други примери на одделни земји кои забрануваат специфични хемиски состојкаи како доказ за нивното право да донесат закон против хербицидот.
Франција претходно годинава го забрани „Раундап про 360“, еден тип од популарниот глифосат на „Монсанто“, а претседателот Емануел Макрон вети дека целосно ќе ја забрани употребата на глифосат во рок од три години.
„Можни се националните забрани за производи за заштита на растенијата со глифосат или ограничувањата на нивната употреба”, објави Европската комисија во 2016 година, потврдувајќи дека државите на ЕУ не мора да се кријат зад Европската комисија при одлучувањето дали да се забрани конкретна формула на хербицид.