Во Хрватска пријавени повеќе од 4000 сомневања за несакани ефекти од лекови

Хрватска агенција за лекови (ХАЛМЕД) минатата година добила повеќе од 4.000 пријави за несакани ефекти од лекови, од кои најмногу се однесуваат на лекови за лекување на малигни заболувања и имуномодулатори, лекови за нервниот систем и лекување инфекции, се наведува во извештајот за 2018.

Минатата година биле пријавени 296 сомневања за несакани ефекти од вакцини.

Во ХАЛМЕД истакнуваат дека најчесто биле пријавени очекувани несакани ефекти, како што се зголемена температура или оток и црвенило на местото на примената вакцина, кои се поблаги форми и поминуваат за неколку дена, без потреба од дополнителен третман.

Бројот на пријави за сомнителни несакани ефекти од вакцините е во постојан раст од 2015 година, а најчесто ги пријавуваат педијатри, кои минатата година поднеле 208 пријави, додека другите сомневања биле пријавени од страна на пациенти или родителите на децата.

Кога станува збор за несакани ефекти на лекови, и во 2018 година, како и претходни, најчесто пријавени несакани дејства биле гадење, дијареа, прекумерна поспаност, осип, болки во стомакот и главоболки, кои се карактеристични за класичните синтетички лекови. Тие несакани ефекти се добро забележливи, јасно поврзани со употребата на лекот, и обично исчезнуваат по прекин на земањето. Меѓу најчестите несакани дејства биле пријавени прекумерна поспаност, која се поврзува со лекови за нервниот систем, за кои ХАЛМЕД последниве години добива голем број на пријави.

Меѓу 4017 пријавени сомневања за несакани ефекти, 1505 од нив исполниле барем еден критериум, поради што несаканата реакција се смета за сериозна, што значи дека предизвикала сериозна медицинска состојба, хоспитализација, загрозен живот или предизвикана смрт. Сомнежи дека некоја нуспојава предизвикала смрт, биле пријавени во 117 случаи, најчесто се пациенти со тешка болест, особено со карцином, наследна метаболичка болест или срцеви заболувања. 

Треба да знаете
Последни објави