Давид Сасоли избран за претседател на Европскиот парламент

Италијанскиот социјалдемократ Давид-Мариа Сасоли (63) е новиот претседател на Европскиот парламент, кој во вториот круг од денешното гласање освои 345 од 667 важечки пратенички гласови.

Давид-Мариа Сасоли е роден во Фиренца на 30 мај 1956 година. Почнал да работи многу млад, како новинар за помали весници и новински агенции, а потоа се преселил во римската редакцијана весникот Ил Џорно, каде нво текот на седум години се истакнал како водечки новинар во известувањето за политички настани. Кариерата на репортер ја започнал во 1992 година како дописник на каналот Тг3. Подоцна работел на други информативни програми на Раи Уно и Раи Дуе, а потоа во 1999 година во редакцијата на ТГ1 влезе како специјален дописник. Во следните десет години неговата работа била насочена кон управување со главните иданија на вестите и на големи национални и меѓународни настани. Во 2007 година станал заменик директор на ТГ1, и бил одговорен за програмите ТВ7 и ТГ1 Специал.

Тој е италијански европратеник од 2009 година, а повторно беше избран за трет мандат во мај 2019 година на листата на партијата Партито Демократико (ПД, Социјалистичка и демократска група) во централна Италија. Тој ќе биде претседател на Европскиот парламент до јануари 2022 година.

Говорејќи на пленарната седница во Стразбур непосредно по неговиот избор, претседателот Сасоли им се заблагодари на пратениците од деветиот законодавен дом за нивната доверба.

-Во последниве месеци, премногу луѓе се обложуваат на падот на европскиот проект, поттикнувајќи поделби и конфликти за кои сметавме дека се тажен потсетник на нашата историја. Но, граѓаните покажаа дека сè уште веруваат во овој извонреден пат, единствениот кој е способен да одговори на глобалните предизвици што следат, потенцираше Сасоли.

– Мораме да имаме храброст повторно да го започнеме процесот на интеграција, да ја смениме нашата Унија, така што ќе реагира поефикасно на потребите на нашите граѓани и да даде вистински одговори на нивните грижи и на нивното растечко чувство на разочараност, потенцираше италијанскиот политичар.

Давид Сасоли, исто така, ги истакна приоритетите на Парламентот за годините што доаѓаат.

-Се соочуваме со големи трансформации: невработеноста кај младите, миграцијата, климатските промени, дигиталната револуција, новата глобална рамнотежа.

– Сите споделуваме стремеж за братство на секој чекор. Имаме морална должност да не се откажеме од хуманоста. Послушноста не може да се смета за доблест, истакна во својот говор Сасоли.

– Ние сме Европејци. Со оглед на тоа дека сите ги сакаме своите држави, и натаму сме Европејци, но национализмот не доведува до судири. Политиката мора да ги надмине поделбите. Мораме да бидеме подготвени да одговориме на сите предизвици.

Меѓу првите кои честитаа по објавата на резултатите беше Манфред Вебер, донеодамна водечки кандидат на Европската народна партија за претседател на Европската комисија, и досегашниот претседател на Европарламентот Антонио Тајани, исто така од ЕПП.

Давид Сасоли беше избран во вториот круг од гласањето. Во првиот круг гласаа 735 европратеници, 73 беа прогласени за неважечки, 662 за важечки. За апсолутното мнозинство за избор на Претседател на ЕП (50% од гласовите + 1 глас) беа потребни 332 гласови. Ска Келер (Германија), кандидатка на Зелените освои 133 гласови, Сира Рего (Шпанија) Обединета левица 42 гласови, Давид Мариа Сасоли (Италија, социјалист 325 гласови и Јан Захрадил (Чешка) европски конзервативци 162 гласови.

Во вториот круг гласаа 704 европратеници, 37 ливчиња беа прогласени за неважечки, 667 за важечки. За апсолутното мнозинство за избор на Претседател на ЕП (50% од гласовите + 1 глас) беа неопходни 334 гласови. За Давид Сасоли гласаа 345 европратеници, за Ска Келер 119, за Сира Рего 43 и Јан Захрадил доби 160 гласови.

Треба да знаете
Последни објави