Обвинение за тројцата кои го нападнаа Беља, непознат пиштолџијата кој му пукаше во нога

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог за крвично дело насилство против Е.Х., Е.А. и Р.Н., кои учествувале во инцидентот во кој беше ранет Ваљон Беља, економски директор на Клиниката за Гинекологија.

-Обвинетите на 20.12.2018 година, на паркингот позади маркет во Чаир, во група извршиле грубо насилство врз едно лице и во јавноста предизвикале чувство на несигурност и страв. Тие му се приближиле на оштетениот и го нападнале удирајќи го со тупаници по лицето и телото. За сите тројца на сила се мерки на претпазливост определени со Решение на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје: забрана за напуштање на престојувалиште, повремено јавување кај службено лице во Судот, привремено одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за напуштање на државата, како и забрана за приближување и одржување каков било контакт со оштетениот, велат од ОЈО.

На критичниот ден, од страна на непознато лице кое било заедно со обвинетите, на оштетениот му била нанесена и огнострелна повреда во десната потколеница, но пиштолџијата не е идентификуван.

Во текот на кривичната постапка, Министерството за внатрешни работи лиши од слобода едно лице како евентуален сторител на кривичното дело. Во присуство на јавен обвинител, согласно Законот за кривична постапка, беше извршено препознавање, но оштетениот не го препозна тоа лице како лицето кое му ја нанело повредата со огнено оружје.

Доколку Министерството за внатрешни работи, како овластен орган за утврдување на идентитетот на сторителите на кривични дела, го утврди идентитетот на лицето кое пукало во оштетениот, Основното јавно обвинителство Скопје ќе отвори постапка и против тоа лице.

Треба да знаете
Последни објави