Прогласување на Охридскиот регион за Светско културно наследство во опасност е единствената шанса за негов спас

Деновиве се одвива, за нас пресудната, 43 сесија на Комитетот за Светско Наследство во Баку,
Азербејџан. По повеќе децении континуирано уништување (практично од осамостојувањето до
денес) на агендата е разгледување на потребата нашето единствено светско природно и културно
наследство да биде прогласено за светско наследство во опасност. Ова, според нас, е негова
единствена шанса за опстанок.
Во медиумите и социјалните мрежи деновиве кружат ставови, анализи и сл. кои се базираат на
неразбирање на она што ќе се разгледува во Баку и можните последици. Ставањето на Охрид на
листата на светски наследства во опасност не значи тргање на заштитата на УНЕСКО – напротив,
значи зајакнување на заштитата. Токму ова е неопходно за да се стопира трендот на деструкција и
создадат услови за враќање на поволна состојба на вредностите. Одење на листата не значи губење на статусот, значи дека советодавните експертски тела на УНЕСКО (врвни светски експерти за природа и културно наследство) директно ќе се вклучат во изработка на Посакувана состојба и сет на корективни мерки. Постојат многу примери во светот каде ваквиот потег донел спектакуларни резултати и во речиси безнадежни случаи целосно се вратени Исклучителните Универзални Вредности.
Во оваа смисла, најпатриотскиот чин кој нашата делегација може (и ако сака да го зачува
најголемото природно и културно богатство – мора) да го направи во Баку, е да побара Охрид да
отиде на листата на светски наследства во опасност и помош од експертите од УНЕСКО. За жал, по
се што сведочевме од 2017та наваму наивно е да очекуваме дека ова ќе се случи, односно дека
личните и партиските интереси ќе бидат ставени зад интересите на државата и на сите следни
генерации. Останува да се надеваме дека светот ќе биде позагрижен за уникатното богатство на
Охридскиот регион и ќе ја зголеми неговата заштита со тоа што ќе го прогласи за наследство во
опасност.

Треба да знаете
Последни објави