Урсула фон дер Лејен е предложена за претседателка на Европската комисија. Лидерите на ЕУ постигнаа договор за новото раководство на европските институции и го предложија и шпанскиот министер за надворешни работи, Жозеф Борел, за нов европски шеф на дипломатијата, на местото на Федерика Могерини.
Белгискиот премиер Шарл Мишел е предложен за претседател на Европскиот совет, додека директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард, за претседателка на Европската централна банка.
Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск изјави дека лидерите на Европската Унија без противење и со воздржаност од страна на Германија, го договориле пакетот за именување на функционерите на сите четири раководни позиции на институциите на ЕУ.
„Избравме две жени и двајца мажи за клучните позиции. Тоа е совршен родов баланс. Вредеше да се чека за ваков исход“, изјави Туск.