Деновиве се одвива, за нас пресудната, 43 сесија на Комитетот за Светско Наследство во Баку,
Азербејџан. По повеќе децении континуирано уништување (практично од осамостојувањето до
денес) на агендата е разгледување на потребата нашето единствено светско природно и културно
наследство да биде прогласено за светско наследство во опасност. Ова, според нас, е негова
единствена шанса за опстанок.
Во медиумите и социјалните мрежи деновиве кружат ставови, анализи и сл. кои се базираат на
неразбирање на она што ќе се разгледува во Баку и можните последици. Ставањето на Охрид на
листата на светски наследства во опасност не значи тргање на заштитата на УНЕСКО – напротив,
значи зајакнување на заштитата. Токму ова е неопходно за да се стопира трендот на деструкција и
создадат услови за враќање на поволна состојба на вредностите. Одење на листата не значи губење на статусот, значи дека советодавните експертски тела на УНЕСКО (врвни светски експерти за природа и културно наследство) директно ќе се вклучат во изработка на Посакувана состојба и сет на корективни мерки. Постојат многу примери во светот каде ваквиот потег донел спектакуларни резултати и во речиси безнадежни случаи целосно се вратени Исклучителните Универзални Вредности.
Во оваа смисла, најпатриотскиот чин кој нашата делегација може (и ако сака да го зачува
најголемото природно и културно богатство – мора) да го направи во Баку, е да побара Охрид да
отиде на листата на светски наследства во опасност и помош од експертите од УНЕСКО. За жал, по
се што сведочевме од 2017та наваму наивно е да очекуваме дека ова ќе се случи, односно дека
личните и партиските интереси ќе бидат ставени зад интересите на државата и на сите следни
генерации. Останува да се надеваме дека светот ќе биде позагрижен за уникатното богатство на
Охридскиот регион и ќе ја зголеми неговата заштита со тоа што ќе го прогласи за наследство во
опасност.