Повеќе од 300 учесници од 20 европски земји ќе бидат дел од Европскиот јуниорски куп во триатлон и Националното првенство во триатлон, што ќе се одржат викендов во Охрид.
Манифестацијата е во организација на Македонската триатлон федерација и асоцијацијата „Спорт за сите – сите за спорт” со поддршка на Општина Охрид.
Со организацијата на ваквите спортски манифестации, Охрид, според секретарот на Општината, Игор Бежоски, испраќа силна порака за поголема афирмација и промоција на спортот и здравите навики.
– Очекуваме годинешното издание на триатлон викендот, да донесе вистинско спортско доживување за сите учесници и дека ќе биде интересно искуство за сите љубители на спортот, кои ќе бидат дел од публиката. Се надеваме дека овој спортски настан ќе продолжи да се одржува и во иднина, со уште поголем број на учесници и дека значително ќе придонесе за промоција на потенцијалите за развој на спортскиот туризам во Охрид, рече Бежоски на денешната прес-конференција.
Во организацијата на триатлон викендот, се вклучени над 50 волонтери, а околу 30 лица ќе бидат задолжени за техничката организација. За здравјето на учесниците во натпреварите ќе бидат ангажирани медицински тимови и спасувачи на вода, кои ќе бидат координирани од страна на охридскиот Црвен Крст.
За време на натпреварите, во соработка со СВР Охрид, во недела на 7 јули, ќе биде организиран посебен сообраќаен режим од 7 часот и 30 минути до 16 часот и 30 минути, на потегот од кружниот тек пред СРЦ „Билјанини Извори” до кружниот тек кон потегот на Горица 2.