Аргентина побара запис од разговорот на судијата и видео асистентот во натпреварот со Бразил

Фудбалската асоцијација на Аргентина побарала од јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) аудиозаписи од разговорот на главниот судија во полуфиналето на Копа Америка против Бразил – Роди Самбрано, со видео асистентот. Ова го објави „Глобо Еспорте”.

Како што е познато, од Аргентина беа незадоволни од судењето на Еквадорецот кој, според нив, не досудил два пенали за нивниот тим. Во овој натпревар „гаучосите” загубија со 0: 2 и испаднаа од турнирот на чекор од финалето.

Наводно, од КОНМЕБОЛ објавиле дека Самбрано имал проблем со комуникацијата со својот видео асистент Леодан Гонзалес (Уругвај) пред натпреварот, но по првиот судиски сигнал проблемот бил решен.

Бразилскиот медиум пишува дека проблемите во комуникацијата биле последица од дејствија на службите за безбедност на претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, кој бил на стадионот.

Познатиот италијански новинар, Танкреди Палмери пак откри дека дознал дека видео асистентот Гонзалес го советувал Самбрано да се обрати кон ВАР и да ги преиспита ситуациите токму во овие моменти, за кои од Аргентина сметаат дека требало да се свири пенал во нивна полза.

Според информациите, по натпреварот Гонзалес изјавил на очевидец дека и во двата случаи му рекол на Самбрано дека треба да досуди пенал, но Еквадорецот одбил да гледа видео повторувања.

Треба да знаете
Последни објави