Околу 76 отсто од граѓаните и 67 отсто од стопанските субјекти веруваат дека ќе има полза од јакнењето на регионалната соработка, истакна Мајлинда Брегу, генерален секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), претставувајќи го најновото изданије на сеопфатното истражување на јавното мислење „Балкански барометар 2019 г.”
Зборувајќи денеска на панел на РСС на Самитот за Западен Балкан во Познањ, Полска, Брегу истакна дека „најновиот успех со намалувањето на цените на роамингот од 1 јули годинава станува модел на соработка што дава конкретни резултати и треба да се користи и во иднина”.
„Сличен модел е применлив и на евроинтеграцијата на регионот, со оглед дека 64 отсто од стопанствениците и 56 отсто од граѓаните сметаат дека тоа е добра работа, што се случува прв пат во последните пет години откако се спроведува истражувањето, а истото мислење го делат и 61 отсто од младите испитаници”.
-Не е, меѓутоа, се така добро, истакна Брегу, појаснувајќи дека „60 отсто од граѓаните се загрижени за невработеноста, а се повеќе и за корупцијата и одливот на мозоци. Веројатно тоа е причината зошто 39 отсто од испитаниците размислуваат за заминување во странство.
„Околу 69 отсто веруваат дека социо-економската состојба е просечна, 26 отсто велат дека состојбата е под просекот, а 16 отсто од граѓаните не можеле да си дозволат основни намирници! Она што загрижува е падот на вработеноста за осум отсто, односно само 34 отсто од граѓаните рекле дека се вработени, додека тој процент за 2018 година изнесуваше 42 отсто”, додаде Брегу.
-Се на се, задоволството од состојбата во регионот се подобрува и од 35 бодови од 100 колку што беа измерени во 2015 година, сега има 44 бодови, што е и натаму под половина. Стопанските субјкти се уште попоптимистични со 61 бод, што е огромно придвижување во однос на 47 бодови колку што беа регистрирани пред четири години, појасни Брегу.