Филмот „Беше еднаш во Холивуд” може да биде последниот уметнички филм во креативната кариера на Квентин Тарантино, пишува магазинот „Џи кју”.
„Мислам дека дојдов до крајот на патот што се однесува до филмовите наменети за прикажување во кината. Себеси се гледам како пишувам книги или театарски претстави. Едноставно, мислам дека на светот на филмот му дадов сè што можев“, магазинот „Џи кју” го цитира 56-годишниот Тарантино.
Според „Џи кју”, Тарантино во минатото во неколку наврати размислувал за завршување на својата творечка кариера и си поставил задача да сними точно десет филмови. „Беше еднаш во Холивуд” е неговото деветто остварување наменето за прикажување во кината.
Тарантино рече во шега дека неговото заминување од кинематографијата може да се случи порано, ако критичарите и публиката одушевено го прифатат филмот „Беше еднаш во Холивуд”.
Бред Пит, кој игра во „Беше еднаш во Холивуд”, изјави за „Џи кју” дека режисерот не блефира.