Владата на седница денеска ги усвои предлог-законите за ратификација на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за отворање нов граничен премин меѓу двете земји кој ќе ги поврзува Мајден од македонска и Промахoи од грчка страна.
Како што посочува владината прес-служба, Спогодбата е склучена на 2 април 2019 година во Скопје, врз основа на Преспанскиот договор. Во неа се предвидува двете држави на сопствената територија да ја изградат, реконструираат и надградат соодветната патна мрежа, како и сета останата инфраструктура потребна за функционирањето на граничниот премин.
Со таа цел е и усвоениот предлог-закон за ратификација на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за отворање граничен премин во регионот на Преспанското Езеро и патиштата коишто ги поврзуваат Маркова Нога од македонска страна и Лемос на територијата на Грција.
Граничниот премин ќе овозможи поголемо поврзување и полесна комуникација на населението од овој пограничен регион.