Дијалогот меѓу Москва и Киев, како и подобрувањето на односите меѓу Русија и Украина, се можни ако украинскиот претседател Владимир Зеленски ги исполни своите предизборни ветувања и почне да разговара со своите сонародници во регионот Донбас, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју за „Кориере дела Сера”, пред својата посета на Италија.
„Конструктивен дијалог со Киев е можен ако Зеленски ги испочитува ветувањата од својата предизборна кампања, особено се ангажира директно со своите сонародници во Донбас и престане да ги нарекува како сепаратисти. Ако украинските власти ги спроведат договорите од Минск наместо да ги игнорираат”, рече Путин, додавајќи дека украинските граѓани очекуваат вистински акции од Зеленски и неговиот тим, брзи промени за подобро, а не празни зборови.
Путин истакна дека новите украински власти ќе мора да ги решат проблемите што ги остави претходното раководство.
„Принудната укаринизација, забраната да се користи руски јазик кој е мајчин за милиони украински граѓани, вклучително и забраната за негово користење како јазик на наставата, бесрамниот неонацизам, граѓанскиот конфликт на југоисточниот дел на земјата, обидите на претходните власти да го уништат кршливиот меѓурелигиски мир – ова е само мал дел од непријатниот багаж со кој треба да се справи новиот претседател”, смета тој.
„И, се разбира, властите во Киев треба конечно да сфатат дека развивањето на прагматичната соработка меѓу Русија и Украина врз основа на доверба и заемно разбирање е во заеднички интерес наместо конфронтација меѓу двете земји. Ние сме подготвени за тоа“, истакна Путин.