Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски оговори на новинарски прашања во врска со актуелната состојба во земјава, пред се за процесот за добивање датум за преговори и предложените заеднички работни групи од ВМРО-ДПМНЕ.
-Не сум запознаен за каков тип на работни групи се работи, меѓутоа она што го прави владата, она што го прави претседателот на владата и партијата е целосна посветеност на евроатланската интеграција. Земјата којашто пред две години беше заробена, изолирана денеска е најсветол пример, посочен од сите меѓународни истанци и оваа земја е земја којашто се зема како пример и во решавањето на сите проблеми, но и во делот на добивањето на најпозитивен и конкретен извештај за напредокот на земјата кон ЕУ, вели Николовски.
Според него, додека СДСМ со сите капацитети се целосно фокусирани во тој правец, од другата страна имаме политичка партија која што е заглавена во минатото во една изолирана земја, режимска земја, партија којашто не понуди досега ниту кадровски, ниту програмски, ниту било какви други промени или капацитети и потенцијали.
-Нивна единствена цел е да нема правда во државата, да ја опструираат правдата и владеењето на правото без ниту една друга цел, напротив спроти една таква структура која што не нуди никаква перспектива на земјата, ние сме далеку од тој правец и еве како што гледате и денес, не само што ја одглавивме, не само што земјата е светол пример, не само што имаме огромни економски резултати, туку за дел од пораките на граѓаните упатени на последните претседателски избори презедовме акциски план за отстранување на нашите слабости и целосно фокусирање кон она што се потреби на граѓаните. Бидете убедени дека како модерна, европска политичка партија ќе бидеме целосно прилагодени на потребите на граѓаните, а граѓаните ја сакаат токму таа евроатланска перспектива и ние сме цврсто убедени во тој правец, рече Николовски.