Kонференцијата во рамки на Берлинскиот процес има исклучително значење за сите земји од Западен Балкан не само од аспект на реферирање за преземените активности и постигнувања, туку и од аспект на своевидна проверка или верификација на направеното, користејќи ја и можноста да се разменат дополнителни искуства, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на заедничката прес-конференција со неговите колеги во Познањ, Полска.
На пресот во рамки на Берлинскиот процес присуствуваа и полската министерката за внатрешни работи Елзбита Витек, германскиот сојузен министер за внатрешни работи Марко Вандервиц и бугарскиот заменик министер за внатрешни работи, Милко Бремер.
Како што истакна Спасовски, целиот собир е во насока на што подинамично градење на концепти и решенија во интерес на националната и регионална безбедност и стабилност.
„Во крајна линија една од примарните цели на самиот Берлински процес е токму соработката во трасирањето на патот и градењето стандарди и вредности кон целосна европска интеграција на државите од регионот на Западниот Балкан“, потенцираше Спасовски.
По однос на претпладневниот дел од конференцијата министерот посочи дека се дискутирало за горливите прашања поврзани со миграциските процеси, а пак во рамки на завршената прва работна сесија и околу продлабочувањето на регионалната соработка за заедничките безбедносни закани, особено во контекст на поквалитетна размена на информации во борбата против трговијата со луѓе, модерното ропство и криумчарењето на дроги.
Како што информираат од МВР, по прес-конференцијата министрите за внатрешни работи од земјите на ЕУ и од Западниот Балкан ќе разговараат околу Патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и муниција во западниот Балкан до 2024 година, како и околу обврските во борбата против корупцијата а во контекст на антикорупциските заложби усвоени во текот на самитот на Западен Балкан во Лондон 2018 година.