Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев денеска од Познањ порача дека регионот мора да ја зајакне меѓусебната соработка, но уверува дека тоа не значи замена за полноправно членство во Европската Унија.
Со решавањето на крупните билатерални спорови со Грција и Бугарија, Северна Македонија паралелно ја зајакна економската соработка со овие соседи, постигнувајќи двоцифрени процентни бројки во економската размена.
Анѓушев, како што јави известувачот на МИА, повика да се интензивираат размените на регионално ниво, и да се олеснуваат не само преку инфраструктурни проекти туку и преку отстранување на бариерите и границите меѓу државите.
-Нема резултат ако потрошите пола милијарда евра во мала држава во која ќе го скратите патувањата, но потоа ќе треба да се чека три, четири, пет часа на граница, тоа нема никаква економска оправданост, покрај инфраструктурното поврзување треба да ги отстраниме сите административни пречки што ги имаме, изјави Анѓушев.
Тој повика на храбри чекори „ако сакаме брз економски развој” како и поголема доверба во регионот. Тие чекори, како што посочи, треба да одат во насока на заемно признавање на сертификати на пример и укинување на царинските бариери.
Северна Македонија, рече тој, е подготвена да придонесе за тој процес.
-Нема смисла да поставуваме граници меѓу себе а притоа да велиме дека сакаме во ЕУ, ајде да покажеме дека сме спремни за тоа, рече вицепремиерот Анѓушев.
Запрашан дали ваквиот проект не е на некој начин супститут за полноправно членство во ЕУ, Анѓушев ги отфрли таквите дилеми и увери дека во ниту еден случај тоа не значи откажување од евроинтеграциската цел.
-Овој процес е само како да ја зголемиме соработката во регионот бидејќи ние повеќе соработуваме со ЕУ отколку со регионот, тоа само ќе придонесе за економскиот развој на нашата држава, рече Анѓушев.
Тој нагласи дека зголемениот раст во Северна Македонија во последните квартал, како и зголемени директни странски инвестиции се меѓу другото резултат и на зголемената регионална соработка со Грција и Бугарија откако се решија билатералните спорови.