Единаесетте вагони од товарниот воз кои се излигаа од пругата кај кумановско Черкези во текот на денот се отстранети од пругата и котурите тешки од 25 до 27 тони се тргнати покрај локалниот пат, со што се овозможени услови за санација на пругата која до вечерва треба да биде оспособена за сообраќај, информираа денеска надлежните од ЈП Македонски Железници Инфраструктура и Македонски Железници АД Транспорт. Причината и предизвиканата штета за несреќата најавија одговорните ќе ги соопшти стручна комисија. Еден од ваков тип на вагони чини од 80 до 100.000 евра.
– Распоредени се покрај патот сите единаесет вагони кои беа паднати покрај пругата ,лизнати од колосекот.Направен е терен за да можат екипите на ЈП МЖ Инфраструктура, со својата механизација и сите ресурси работат веќе на тоа да го оспособат колосекот и до ноќните часови, околу полноќ веруваме дека пругата ќе биде направена и подготвена за сообраќај, изјави помошникот директор во ЈП Македонски Железници Инфраструктура, Петар Спасовски.
Заменик генералниот директор на МЖ АД Транспорт, Коста Чикос, рече дека вработените на ова претпријатие вложиле исклучителни напори за подигнување на излиганите вагони од пругата. Тој се заблагодари на вработените од АД Факом и информираше дека ја изнајмиле нивната дигалка, а благодарност упати и до месното население. Чикос информираше дека првин биле отстранет товарот, котурите кои се тешки од 25 до 27 тони, а потоа и вагоните.
-Ваква несреќа е со невидени размери и мислам дека последниве дваесетина години во Макдонски Железници воопшто ваква несреќа со ваков обем не се случила, изјави Чикос.
Тој одговарајќи на новинарски прашања не сакаше да шпекулира за причината за излигувањето на вагоните, укажувајќи дека има стручна комисија која по завршување на истрагата ќе ги соопшти причините.
– Штетата на вагоните е огромна сите вагони се оштетени при пролизгувањето доаѓало до набивање еден на друг. Чудно е, сакам да кажам ,дека првите четири вагони од композицијата заедно со локомотивата чиј што сопственик е МЖ Транаспорт АД Скопје поминаа без проблем и пролизгуваењто се случува после четвртиот вагон, причините зошто е тоа така не знам. Овој тип на вагони нивна поединечна вредност се движи помеѓу 80.000 до 100.000 евра, така што со сопственикот дополнително ќе се утврдува штетата на сите вагони и износот на штетата дополнително комисијата ќе ја утврди поединечно за ској еден вагон, рече Чикос.
Вагоните од товарниот воз кој сообраќаше на релација Табановце – Романовце се излигаа од пругата на втори јули кај кумановско Черкези. Во несреќата немаше повредени, а причинета беше значителна материјална штета.