Трајковска: „Телефонистот“ Мијалков му кажа на Камчев дека ќе го апсат Љубе

Новинарката Оливера Трајковска денеска како сведок на СЈО сведочеше за случајот „Тортура“, односно за незаконското апсење на Љубе Бошкоски во 2011 година.

-Дадов исказ дека прислушуваните разговорите се автентични, но информации поврзани со овој настан немам. Имам живи сеќавања од тој ден, но тие не се поврзани со овој настан. Тоа беше ден после победата на ВМРО-ДПМНЕ. Имав повеќе телефонски разговори тој ден, на 6 јуни. Имав разговор и со Јордан Камчев. Тоа го потврдив и во исказот пред обвинителството, рече Трајковска.

Таа не сакаше во судница да открие што разговарала со Камчев, потенцирајќи дека транскриптот од разговорот го има СЈО и таа потврдила дека е автентичен.

Обвинителот Љубомир Лапе, сепак инсистираше Трајковска пред судот да каже што разговарале со Камчев.

-Камчев ми кажа дека примил информација дека нешто ќе се случи за еден час, рече Трајковска.

На прашањето од каде ја добил информацијата Камчев, таа рече дека во разговорот тоа лице било ословено како „пријателот“, појаснувајќи дека тоа било Мијалков.

-Иако користиме термин пријателот, за мене тоа е Сашо Мијалков. Јас не го ословував со „пријателот“, туку како „телефонистот“, поради прислушуваните разговори, рече Трајковска.

Таа истакна дека додека разговарала со Камчев била кај гимназијата „Јоси Броз Тито“, а потоа кога се доближила до „Воденица“ добила закана од полицаец.

-Полицаецот ми рече, виде ли што му направија на Љубе, сега ќе тргнеме по вас во „Алфа“, сведочеше новинарката.

Таа рече дека го видела Бошкоски пред Воденица, од својата тараса.

-Мислев дека Бошкоски ќе дава изјава, поради насобраните новинари. Помислив дека е донесен да даде изјава. Чудни луѓе околу него, се префрлаат по колите и во еден момент го препознавам неговиот адвокат. Сфаќам дека не е прес-конференција на Љубе, рече Трајковска.

 

Треба да знаете
Последни објави