„Економски Лидер“ објави нова аудио бомба за случајот „Леонардо“ и вмешаноста на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Со неа се покажува дека тој бил свесен оти не смее да разговара со компанијата „Леонардо“ околу јавната набавка за М-НАВ – затоа што тендерот се уште не бил комплетиран. Но, и покрај тоа инсистирал состанокот да се одржи и на истиот ги притискал претставниците на оваа државна компанија да го протнат тендерот.
Откако минатата недела, порталот „Експрес“ објави аудио бомба во која се слуша како генсекот на Владата Драги Рашковски договара тендер тежок 7 милиони евра за државната компанија М-НАВ и попатно користи расизам, утринава свиркач до редакцијата на „Лидер“ доставил мемориски стик со аудио материјал на кој се содржат нови компромитирачки материјали кои даваат индиции за кршење на закони на Република Македонија и правила на ЕБОР.
„Поради огромниот јавен интерес и сериозните индиции за кршење на закони на државава но и правила на Европската Банка за Обнова и Развој – доставениот материјал го објавуваме во целост, пишува „Економски Лидер“.
Во снимката, освен гласот на Рашковски, се слушаат и гласовите на тогашниот технички директор на М-НАВ, Климент Чапуњовски и директорот и претседател на управниот одбор на компанијата, Николче Тасески.
Чапуњовски, според снимката, му укажува на Рашковски дека не може да се прави записник за состанокот со компанијата „Леонардо“, затоа што тоа е против правилата на Банката (се мисли на Европската Банка за Обнова и развој – која го финансира проектот). На неговата реакција се надоврзува и директорот Тасески.
–Не смееме да разговараме со нив пред да се прати „Letter of Award” (писмо со кое се потврдува дека компанијата го добила тендерот). – му вели Тасески на Рашковски.
На ова, Рашковски, свесен дека е во центарот на нелегална активност, на Тасески му вели.
-Потивко, хахаха!
Инаку, на прес конференцијата што Рашковски ја одржа во вторникот, откако „Експрес“ го објави првиот дел од разговорот, тој го обвини Чапуњовски дека нелегално го снимил состанокот.
Во вториот дел од снимката што ја објави „Економски лидер“, пак, се слуша како Рашковски пред претставниците на „Леонардо“, им наложува на претставниците на М-НАВ за „три дена“ да ја завршат работата и кршејќи ја одлуката на Владата, да се распише нов тендер. Им наложува да го протне истиот затоа што „така се правело сегде во светот“.
Откако се слуша негодување од страна на Чапуњовски околу постапката и временската рамка, Рашковски со висок тон му вели да не го „дрибла“ и да ја заврши работата.
„Немојте да ме дриблате, и така правите работи што се предмет на истрага. – им вели Рашковски на Тасески и на Чапуњовски, свесен дека постои истрага за тендерот кој пробува да го протне.
На прес конференцијата во вторникот Рашковски кажа дека0 овој тендер бил доделен од ВМРО-ДПМНЕ, но работите изглегоа спротивни и се потврди дека договорот бил потпишан три месеци по неговата спорна средба. Во исто време, тој „до небо“ се извинуваше за расистичките термини кои ги користи на средбата.
Со втората бомба, паѓаат во вода неговите тврдења дека „се е легално“, ако се има предвид дека и самиот знаел дека според правилата тој не смее воопшто да разговара со комнпанијата „Леонардо“, затоа што во моментот на состанокот сеуште тендерот официјално не е добиен, пренесува „Економски Лидер“.
Исто така, на прес конференцијата Рашковски истакна дека и покрај тоа што нема надлежност да присуствува и да договара тендер за М-НАВ, тоа го правел затоа што бил задолжен од Владата. Како доказ дека му било наложено, на новинарите им достави документ кој е потпишан само од него, но не и записник од седница на владата на кој му се дава таков налог.
По втората аудио-бомба, и понатаму се провлекува прашањето зошто Рашковски вака агресивно инсистирал „за три дена“ да се заврши работата и дали спорните проценти кои се споменуваат во првата бомба се всушност провизија за тендерот, прашува „Економски Лидер“